Силно невреме проследено со пороен дожд, силен ветер и ситен град попладнево предизвика штети на повеќе локации во Куманово, каде што беа урнати дрвја и оштетени делови од покривни конструкции.
Според првичните информации од Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Куманово, силниот ветер соборил дрвја на улиците „Благоја Илиев Гуне“, „Лесковачка“, „Октомвриска револуција“, како и на уште неколку локации низ градот.
Покрај тоа, ветерот откорнал дел од лимен покрив на улицата „Лесковачка“, а паднати дрвја има и на автопатот кон Скопје, во близина на бензинската станица пред наплатната рампа Романовце, како и на стариот пат кон Свети Николе.
Од РЦУК информираат дека сите надлежни служби се известени и веќе интервенираат на терен. Директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“, Сашо Томиќ, изјави дека екипите активно ги расчистуваат паднатите гранки и дрвја од коловозите за што побрзо да се нормализира сообраќајот.
Засега нема информации за повредени лица, а надлежните апелираат граѓаните да бидат внимателни и да избегнуваат движење во близина на оштетени дрвја и нестабилни конструкции додека траат интервенциите.









