Полицијата во Тетово приведе 65-годишна државјанка на Република Албанија, осомничена дека со измама успеала да земе 3.400 евра од 67-годишен жител на Тетово, претставувајќи се лажно како универзитетска професорка.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 27 јуни 2026 година околу 11:00 часот, на крстосницата меѓу улиците „Видоје Смилевски Бато“ и „29 Ноември“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово ја лишиле од слобода Н.Б. (65), државјанка на Албанија.
Приведувањето било извршено по претходно поднесена пријава од 67-годишен тетовец, кој ден претходно пријавил дека во изминатите три месеци бил измамен од жена која лажно се претставувала како универзитетска професорка.
Според неговата пријава, осомничената во повеќе наврати од него барала финансиска помош, тврдејќи дека нејзината ќерка доживеала тешка сообраќајна несреќа во Франција и дека итно ѝ биле потребни пари за лекување.
Верувајќи во приказната, оштетениот во неколку наврати ѝ позајмил вкупно 3.400 евра.
По преземените оперативни активности, полицијата ја идентификувала и ја привела осомничената поради сомнение дека го сторила кривичното дело „измама“, казниво по член 247 од Кривичниот законик.
Од МВР информираат дека по целосното документирање и расчистување на случајот, против осомничената ќе биде поднесен соодветен поднесок до надлежното обвинителство.








