Приватна прослава во Белград завршила со тешка несреќа откако 45-годишен маж скокнал во базен верувајќи дека е наполнет со вода. Наместо освежување, следувал силен удар кој му нанел сериозни повреди.
Според првичните информации, несреќата се случила во текот на ноќта во двор од приватна куќа каде се одржувала забава. Мажот, кој бил меѓу гостите, во еден момент се затрчал и скокнал во базенот без да забележи дека тој е целосно празен.
Од ударот се здобил со тешки повреди на главата и 'рбетот, како и повеќе скршеници и расекотини по телото. На местото веднаш пристигнала Итна помош, која го пренела во Ургентниот центар.
Неофицијално, анализите покажале присуство на алкохол во неговиот организам, но не биле пронајдени недозволени супстанци. Лекарите веднаш започнале со третман, а неговата состојба била оценета како многу сериозна.
Настанот предизвика шок кај присутните на прославата, кои во прв момент не можеле да поверуваат што се случило. Истражните служби ги утврдуваат сите околности поврзани со несреќата, додека повредениот останува под постојан медицински надзор.









