Сомнителен случај со патничко возило е пријавен во СВР Скопје, откако при сервисирање било забележано дека на едно од предните тркала недостасува еден шраф, додека останатите три биле олабавени.
Според информациите од МВР, вчера во 14:50 часот П.Б. од Скопје го пријавил случајот во полиција.
Тој навел дека на 27 август 2026 година автомобил „алфа ромео“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на неговата сопруга, бил однесен во овластен сервис.
При прегледот, вработените забележале дека на едното предно тркало недостасува еден шраф, додека останатите три биле олабавени.
Пријавителот пред полицијата изразил сомневање дека состојбата на автомобилот би можела да биде поврзана со закани кои, според неговите наводи, ги добивал во изминатите две години.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности.
Засега не е утврдено дали шрафовите биле намерно олабавени, ниту дали случајот е поврзан со заканите што ги пријавил скопјанецот.







