ПРВ.мк
Македонија

IN MEMORIAM: Почина еден од познатите македонски дипломати и универзитетски професори

IN MEMORIAM: Почина еден од познатите македонски дипломати и универзитетски професори

Денеска во Скопје, на 71-годишна возраст, почина универзитетскиот професор, дипломат и политички аналитичар Јован Донев.

Донев зад себе остави богата академска, научна и дипломатска кариера, во која значаен дел од својот професионален ангажман го посвети на македонската историја, меѓународните односи и геополитичките процеси поврзани со Македонија и Балканот.

Дипломирал на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1979 година, магистрирал во 1986, а докторирал во 1993 година.

Својата научна кариера ја градел во Институтот за национална историја во Скопје, каде што достигнал звање научен советник и редовен професор. Предавал и на Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје и на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Од 1999 до 2012 година бил извршен директор на Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“, а претходно ја извршувал и функцијата директор на Охридскиот летен универзитет.

Значаен дел од неговата кариера беше поврзан и со дипломатијата. Од 2013 до 2017 година Донев беше амбасадор на Република Македонија во Обединетото Кралство, со седиште во Лондон, а во истиот период бил акредитиран и во Ирска и Исланд. Во 2017 година бил и член на Советот за безбедност на Република Македонија.

Донев беше автор и коавтор на бројни научни трудови и публикации од областа на историјата, меѓународните односи и надворешната политика, а во последните години беше присутен во јавноста и како колумнист и политички аналитичар.

Со неговата смрт, македонската академска и дипломатска јавност загуби долгогодишен професор и дипломат кој остави значајна трага во областите во кои работеше.