Трите лица кои во саботата останаа заглавени во кошниците на ски-лифтот кај Савина Кук на Дурмитор се безбедно евакуирани, пренесува Телевизија на Црна Гора (ТВЦГ). Станува збор за државјани на Србија и Германија, како и еден црногорски државјанин.
Тие биле блокирани на жичарницата по тешката несреќа што се случила истиот ден, кога странски туристи паднале од кошницата на ски-лифтот. Во трагедијата животот го загубил еден странски државјанин, додека друго лице било сериозно повредено.
Црногорските медиуми информираат дека сопругата на починатиот германски државјанин се здобила со тешки телесни повреди, но нејзината здравствена состојба е стабилна и таа е хоспитализирана.
Несреќата, како што потврдија надлежните за Радио-телевизија на Црна Гора (РТЦГ), се случила на вториот и пострмен дел од жичарницата што води кон Савина Кук. Според првичните информации, маж загинал на самото место, додека повредената жена била свесна и во контакт со медицинските лица, кои веднаш ѝ укажале прва помош.
На терен веднаш излегле полициски и спасувачки екипи, кои покрај евакуацијата спроведуваат и истрага за утврдување на причините за несреќата. Според неофицијални информации, постои сомневање дека дошло до дефект на жичарницата број два, по што кошницата во која се наоѓале туристите почнала неконтролирано да се движи наназад.
















