ПРВ.мк
Црна Хроника

ЗАГУБА ЗА МАКЕДОНИЈА: Позната македонска докторка загина во сообраќајна несреќа

ЗАГУБА ЗА МАКЕДОНИЈА: Позната македонска докторка загина во сообраќајна несреќа

Македонската и полската јавност се простуваат од докторката Емилија Котевска Аврамчева, која трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа на експресниот пат С8 во близина на Варшава.

Според полските медиуми, несреќата се случила во петокот околу 15:50 часот, во близина на клучката Опач-Колонија. Докторката го запрела својот автомобил на лентата за итни случаи, по што по излегувањето од возилото била удрена од автобус.

На местото на несреќата веднаш пристигнале противпожарни екипи, Итна медицинска помош и хеликоптер на Воздушната амбуланта. Лекарите извршиле реанимација и ја пренеле во болница, но подоцна било соопштено дека таа им подлегнала на повредите во раните утрински часови. Таа имала 72 години.

Од Македонската амбасада во Полска соопштија дека станува збор за личност која оставила силен печат во македонската заедница и била еден од нејзините најактивни членови.

Тие потсетуваат дека докторката била успешен лекар, менаџер и претприемач, но пред сè човек кој несебично помагал и бил силно посветен на поврзувањето на Македонците во Полска.

Посебно се издвојува нејзината улога во обезбедување медицинска помош за пациенти од Кочани кои по трагедијата биле лекувани во Полска, како и нејзината поддршка на различни проекти за македонската заедница.

Амбасадата истакна дека нејзината смрт претставува голема и ненадоместлива загуба, како за заедницата во Полска, така и за сите кои ја познавале.

Полските надлежни институции продолжуваат со истрагата за да се утврдат сите околности под кои се случила трагичната несреќа.