ПРВ.мк
Црна Хроника

Познат бизнисмен од Струмица под лупа на обвинителството - ова е сумата со која ја оштетил државата!

Познат бизнисмен од Струмица под лупа на обвинителството - ова е сумата со која ја оштетил државата!

Полицијата поднесе кривична пријава против правно лице од Струмица и неговиот управител Н.Б. (50), поради сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“, со кое, според истрагата, е оштетен буџетот на државата за повеќе од 1.700.000 денари.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, Секторот за внатрешни работи Струмица утврдил дека пријавените во период од неколку години постапувале на начин со кој избегнувале плаќање на законски утврдени даночни обврски.

Како што е наведено, правниот субјект и управителот, во неколку наврати, преку неточно прикажување на деловните активности, го одбегнувале плаќањето на персонален данок на доход по други основи, данок на добивка и данок на додадена вредност. Истражителите посочуваат дека тоа било правено преку неевидентирање на дел од прометот, неточно утврдување на даночната основа, прикажување помали приходи од реалните, како и прикажување зголемени или непризнаени расходи.

Според податоците, ваквите активности се одвивале во периодот од 2022 до 2025 година, при што секоја година се регистрирани неплатени даноци во различни износи.

Во 2022 година не биле пресметани и уплатени даноци во висина од 357.288 денари, во 2023 година износот изнесува 355.371 денар, во 2024 година 760.763 денари, додека во 2025 година неплатените обврски достигнале 247.080 денари.

Со ваквите постапки, според полицијата, пријавените се стекнале со противправна имотна корист и воедно предизвикале директна штета на буџетот на државата во вкупен износ од 1.720.502 денари.

Случајот е предаден на надлежното јавно обвинителство, кое ќе одлучува за понатамошниот тек на постапката.