Осумнаесет лица загинаа во судир на две возила кои превезувале сезонски работници ангажирани во провинцијата Исмаилија на североистокот на Египет, а околу 30 лица се повредени, соопштија синоќа локалните власти.
Судирот на двете возила (камионети) со работниците кои оделе на работа се случил на споредниот пат Ал-Дававис, во близина на електраната Ал-Шабаб, пренесува порталот „Ахрам Онлајн“.
Повредените се пренесени во Централната болница Касасин, а надлежните продолжуваат со прибирање информации за причините за несреќата и со проценка на состојбата на повредените.
– Повеќето од загинатите се тинејџери на возраст од 13 или 14 години – изјави извор кој сакаше да остане анонимен.
Најмладата жртва имала 10 години, според локалниот весник „Ал-Масри Ал-Јум“.
Египетското министерство за здравство соопшти дека министерот за здравство Халед Абдел-Гафар помно го следи текот на лекувањето на повредените, додека кризниот штаб на министерството го следи развојот на ситуацијата на местото на несреќата во соработка со египетската Управа за здравствена заштита и Управата за здравство на провинцијата Исмаилија.
– Подигнат е степенот на приправност во болниците – изјави портпаролот на министерството за здравство Хосам Абдел-Гафар и додаде дека се обезбедени медицински тимови, потребни лекови и медицинска опрема.
Според податоците на Централната агенција за статистика (CAPMAS), бројот на смртни случаи во сообраќајни несреќи во 2025 година во Египет пораснал за 10,8 отсто на 5.829, додека бројот на повредени пораснал за 10,7 отсто на 84.553.
Меѓу сите возрасни групи, најголем број жртви е забележан кај децата помлади од 15 години – 1.580 смртни случаи и 29.101 повредено дете во текот на 2025 година.







