Полицијата објави шокантни информации за долготрајното малтретирање на 31-годишната Р.К. од Велес од страна на нејзиното поранешно момче И.С. (39) од Скопје. Во период од неколку месеци, против него се поднесени повеќе пријави – од вознемирување на улица и физички напади, до испишување навредливи графити со нејзиното име низ градот, закани на социјални мрежи и дури кршење на судска мерка за забрана на приближување.
Првиот случај бил пријавен на 26 јануари 2025 година, кога Р.К. побарала заштита откако И.С. ја вознемирувал додека шетала куче во Велес. Само неколку недели подоцна, на 21 февруари, таа пријавила дека тој ја нападнал во двор на основно училиште. На 4 март, полицијата го уапсила И.С. по нов напад врз нејзин пријател, додека таа била со него.
На 18 мај 2025 година, Р.К. повторно пријавила дека И.С. испишал навредливи графити на неколку локации во Велес, директно наведувајќи го нејзиното име и нејзиниот полубрат, како и дека испраќал навредливи пораки до нејзини блиски преку социјалните мрежи. Истата ноќ бил запален автомобил на нејзиниот татко, што дополнително ја влошило ситуацијата.
Но, инцидентите не застанале тука. Во јуни и јули 2025, таа повторно се обратила во полиција, бидејќи бившото момче не ја почитувало мерката за забрана на приближување. Дополнително, пронајдено било и УСБ со експлицитни фотографии и видеа од двајцата, залепено на врата од продажен објект, што уште повеќе ја загрозило нејзината приватност.
Од полицијата потврдуваат дека против И.С. веќе има кривична пријава за семејно насилство, а во тек се и други постапки. Истовремено, евидентирани се и пријави од негова страна против Р.К., но во сите случаи биле изготвувани службени белешки.
Случајот предизвикува големо внимание во јавноста, бидејќи покажува колку долго може да трае циклусот на вознемирување и закани, и покрај повеќекратните пријави. Истражните органи сега работат на расчистување на сите инциденти и утврдување на кривичната одговорност.