Михаил Јованов, син на Дејан Јованов – Деко, сопственик на дискотеката „Пулс“ во Кочани, поднел приватна кривична тужба против осум лица и други непознати сторители од Кочани за наводно оштетување на кафе барот „Класик“, исто така негова сопственост. Оштетувањата се случиле за време на протестите на 17 март минатата година, еден ден по трагичниот пожар во „Пулс“, во кој загинаа 62 лица, а повеќе од двеста беа тешко повредени.
Партијата Левица реагира дека овој потег претставува врв на цинизмот, особено затоа што државата претходно се прогласи за ненадлежна да ги обештети семејствата на жртвите, со образложение дека пожарот се случил во приватен објект. Сега, пак, сопственикот кој е осомничен и против кого се води кривична постапка, поднесува тужба против граѓаните, вклучувајќи и млади лица, барајќи обештетување за штети што настанале како последица на неговото неодговорно и незаконско работење.
Левица предупредува дека ова ја покажува изопаченоста на системот, каде жртвите се оставени без правда, а виновните добиваат простор да ги тужат граѓаните. Партијата истакнува дека нема да дозволи трагедијата да се претвори во фарса и дека одговорност мора да има – кривична, институционална и политичка. Секој обид за заплашување на граѓаните ќе се смета за напад врз правото на правда и достоинство.
Правдата за Кочани не смее и нема да биде задушена со закани, уцени или тужби.

















