Црногорската јавност е шокирана по бруталниот напад врз политичарот Миливоје Брковиќ, советник на коалицијата „За иднината на Подгорица“ и функционер на Обединета Црна Гора. Инцидентот се случил во Подгорица, а Брковиќ завршил во болница со тешки повреди и скршена вилица.
Според неговата изјава, нападот се случил околу полноќ на Булеварот на револуцијата. Тој претходно забележал две возила кои се движеле сомнително и во еден момент застанале покрај патот. Во едното возило се наоѓала жена која ја познавал како политички активист и која побарала помош, тврдејќи дека е следена.
Брковиќ решил да застане и да провери што се случува, но веднаш по излегувањето од автомобилот бил нападнат. Како што тврди, едно лице го препознало, а потоа го удрило со тврд метален предмет во пределот на брадата. Од силниот удар паднал на земја и изгубил свест, додека напаѓачот продолжил да му задава удари во главата.
Поради сериозноста на повредите, Миливоје Брковиќ бил итно хоспитализиран и го очекува оперативен зафат на вилицата.
Според локалните медиуми, во нападот наводно учествувал маж од Подгорица кој им е познат на безбедносните служби. Мотивот за нападот засега не е утврден, а надлежните институции продолжуваат со истрагата за целосно расветлување на случајот.






