Камерите со вештачка интелигенција што се тестираат во Грција предизвикале вистински хаос, откако голем број регистрирани прекршоци се покажале како неточни.
Според грчките медиуми, системот во текот на април и мај евидентирал околу 13.000 сообраќајни прекршоци. По рачна проверка на 5.500 случаи, дури 5.100 биле отфрлени, а само 400 биле потврдени како валидни.
Најголемите проблеми се појавиле при препознавање на користење мобилен телефон и сигурносен појас. Камерите често ги мешале сенките, темните предмети и електронските цигари со мобилни телефони, а во некои случаи регистрирале и непостоечки патници на празни седишта.
Дополнителен проблем е што системот не може да го препознае контекстот на ситуацијата, па како прекршок бележи и случаи кога возачите влегуваат во посебна лента за да пропуштат возило на Брза помош или постапуваат по насоки од полиција.
Иако грчките власти проектот го оценуваат како успешен, пилот-фазата покажа дека човечката контрола сè уште е неопходна за да се избегнат погрешни казни и неправилности.






