Грчките власти и рибари започнаа организирана акција за намалување на бројноста на отровната „риба зајак“ (лагокефалос), која во последните години сè почесто се среќава во грчките мориња. Во пресрет на летната сезона, туристите добија јасно предупредување – ако ја забележат оваа риба, никако да не ја допираат или јадат.
Лагокефалосот е инвазивен вид кој во Медитеранот пристигнал преку Суецкиот Канал од Црвеното Море. Денес е присутен во речиси сите грчки мориња и претставува сериозен еколошки проблем.
Најголемата опасност е што оваа риба содржи тетродотоксин – силен невротоксин за кој не постои противотров. Консумирањето на месото може да предизвика тешко труење, а во одредени случаи и смрт.
Експертите нагласуваат дека рибата не е позната по тоа што напаѓа капачи, но предупредуваат дека не треба да се допира, чисти или подготвува за исхрана. Доколку некој случајно ја улови, се препорачува да не ја зема со голи раце и веднаш да ги извести локалните служби или рибарите.
Посебен апел е упатен до родителите да внимаваат децата да не допираат вакви риби, дури и ако се исфрлени на плажа или изгледаат мртви.
Освен што претставува потенцијална опасност за луѓето, „рибата зајак“ предизвикува и големи штети во рибарството, бидејќи со своите силни заби ги уништува рибарските мрежи и се храни со други морски организми, нарушувајќи го природниот баланс во морето.







