Најмалку шест ученици го загубија животот, а уште 17 се повредени во пукање што се случи денеска во средно училиште на југот на Филипините, соопшти филипинскиот Оддел за социјална помош и развој.
Инцидентот се случил во Националното средно училиште „Банга“, во градот Банга во покраината Јужен Котабато.
Според информациите што ги пренесуваат локалните медиуми, постои сомнение дека напаѓачот бил ученик во училиштето. Тој, според првичните информации, е меѓу загинатите.
По пукањето, наставата во целата област била итно прекината, а надлежните служби започнале истрага за да ги утврдат сите околности и мотивот за нападот.
Од Министерството за образование соопштија дека нивен непосреден приоритет се безбедноста и благосостојбата на учениците, наставниците и останатиот училиштен персонал. За лицата погодени од трагедијата ќе биде обезбедена психолошка помош и поддршка.
Властите истовремено апелираа до јавноста да не шири непроверени информации додека трае истрагата.
Нападот доаѓа околу еден месец по друг вооружен инцидент на Универзитетот „Атенео де Замбоанга“. Мотивот за денешното пукање засега не е познат.








