Апелациониот суд Скопје донесе одлука со која ги потврди доживотните затворски казни за Љупчо Палевски-Палчо и тројцата негови соучесници, осудени за грабнувањето и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.
Со одлуката, како што се дознава, останува на сила најтешката казна предвидена со закон за Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, кои беа прогласени за виновни за двата тешки злосторства што ја потресоа македонската јавност.
Сепак, судскиот процес добива ново продолжение во делот што се однесува на таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски. Апелациониот суд, според неофицијални информации, ја укинал ослободителната пресуда за него и предметот го вратил на повторно судење.
Ѓорчевски беше обвинет за помагање во делото, односно дека на осомничените им дал информации поврзани со движењето и времето кога неговата ќерка излегувала од дома за на училиште. Првично, тој беше ослободен од обвиненијата.
По официјализирањето на одлуката, Палевски и тројцата осуденици треба да бидат префрлени од притворскиот дел во затворот „Шутка“ во КПД „Идризово“, каде би ја издржувале казната до крајот на животот.
Тие преку жалбите бараа укинување на пресудата и повторување на судската постапка, но Апелациониот суд не ги прифати нивните барања.
Според обвинението, на 27 ноември 2023 година, по насоки на Палевски, Манев и Видевски ја грабнале Вања со намера да изнудат пари од нејзиното семејство. Девојчето било пресретнато пред зградата каде живеело, совладано и однесено со возило.
Обвинителството тврдеше дека Вања била однесена на локација кај селото Бразда, каде што потоа била лишена од живот.
Само неколку дена претходно, на 22 ноември 2023 година, бил убиен и велешанецот Панче Жежовски. Според пресудата, неговото возило било искористено за транспорт при грабнувањето на девојчето.
Случајот предизвика огромен интерес во јавноста, а трагичната смрт на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски остана еден од најтешките криминални настани во поновата историја на Македонија. Со најновата одлука на Апелација, делот со четворицата осудени останува завршен, додека постапката против Александар Ѓорчевски продолжува.






