Туристичка авантура во Мексико замалку не заврши трагично, откако голема бела ајкула со огромна сила успеала да пробие заштитен кафез во кој се наоѓал нуркач. Инцидентот се случил кај островот Гвадалупе, познат по богатата популација на ајкули и нуркачките тури со кафези.
Според сведоци, ајкулата скокнала кон мамка, но изгубила ориентација при нападот – што често им се случува бидејќи во тие моменти тие привремено го губат видот. Несвесно се нурнала право во кафезот и останала заглавена, што предизвикало страшни моменти за туристот внатре и шок меѓу патниците на бродот.
Во еден момент, водата околу кафезот станала црвена, што дополнително ја зголемило паниката – дел од туристите дури се плашеле дека ајкулата го распарчила човекот. Но, по неколку минути тензија, се случило чудо: ајкулата успеала да се ослободи, а нуркачот излегол неповреден.
Иако нуркањето во кафез важи за контролирана авантура, овој инцидент потсетува дека во природата секогаш постои ризик – особено кога се работи за силни и непредвидливи животни како големата бела ајкула.