Нова трагедија ги потресе патиштата во Турција откако туристички автобус се превртел во провинцијата Испарта, при што загинале четири лица, а уште 15 се повредени, од кои тројца се во тешка состојба.
Според првичните информации, несреќата се случила во областа Гелендост, на патниот правец Испарта–Коња, во близина на селото Багли. Од засега непознати причини, возачот ја изгубил контролата врз автобусот, по што возилото излетало од коловозот и се превртело.
На местото веднаш биле испратени екипи на Итната медицинска помош, пожарникари, полиција, жандармерија и спасувачки служби, кои извлекувале повредени патници од автобусот.
Повредените се пренесени во околните болници, каде што им е укажана медицинска помош. Според локалните медиуми, тројца од нив се здобиле со сериозни повреди и се под постојан лекарски надзор.
Точните околности под кои дошло до несреќата сè уште не се познати. Турските власти отворија истрага која треба да утврди дали причината е човечки фактор, технички дефект или условите на патот.
Несреќата предизвика големо внимание во турската јавност, а надлежните служби продолжуваат со увидот на местото на трагедијата.







