Сериозна сообраќајна незгода се случила синоќа во скопското село Бојане, кога патничко возило „ауди“ со италијански регистарски ознаки излетало од патот и силно удрило во бетонски ѕид. Несреќата била пријавена во СВР Скопје околу 19:15 часот.
Според официјалните информации, возилото го управувал 47-годишниот М.Ш. од селото Рогле, тетовско. Од засега неутврдени причини, возачот изгубил контрола над автомобилот додека се движел по улицата „Емин Бојана“, по што следел силен удар во бетонска преграда покрај патот.
Во возилото се наоѓале и двајца малолетни сопатници од Тетово. Во несреќата, 17-годишно момче се здобило со тешки телесни повреди, додека 14-годишна девојка поминала со телесни повреди. Повредите биле констатирани во Клиничката болница во Тетово, како и во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде што повредените биле пренесени за укажување лекарска помош.
На местото на настанот веднаш интервенирале полициски екипи, кои извршиле увид и ги обезбедиле трагите од несреќата. СВР Скопје работи на целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности што довеле до оваа тешка сообраќајна незгода.
















