ПРВ.мк
Црна Хроника

Русија го изведе еден од најсилните напади врз Киев – најмалку 21 загинат

Русија го изведе еден од најсилните напади врз Киев – најмалку 21 загинат

Најмалку 21 лице го загубија животот, а 86 се повредени во еден од најжестоките руски воздушни напади врз Киев од почетокот на војната. Според украинските власти, 70 повредени се хоспитализирани, додека спасувачките екипи сè уште трагаат по преживеани под урнатините, поради што се стравува дека бројот на жртви може дополнително да се зголеми.

Во нападот беа погодени повеќе станбени згради, хотел и објект на телекомуникациски оператор во центарот на градот, а неколку интернет-провајдери пријавија прекин на услугите. Илјадници жители ноќта ја поминаа во метро-станиците, кои послужија како засолништа.

Градоначалникот Виталиј Кличко информираше дека меѓу тешко повредените има и 10-годишно момче, чии родители сè уште не се пронајдени. Детето е хоспитализирано и му е извршена операција.

Воздушни тревоги и експлозии беа регистрирани и во други украински градови, меѓу кои Запорожје, Павлоград, Харков и Суми. Во Запорожје се повредени најмалку три лица.

Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија употребила околу 570 воздушни средства, меѓу кои речиси 500 беспилотни летала, 24 балистички ракети „Искандер“, околу 50 крстосувачки ракети и четири хиперсонични ракети „Циркон“. Според украинската војска, пресретнати биле 524 воздушни цели, најголемиот дел дронови.

Од Москва тврдат дека нападите биле насочени исклучиво кон воени цели, меѓу кои фабрики поврзани со украинската воена индустрија. Овие тврдења засега не можат независно да се потврдат.

По нападот, украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно побара забрзана испорака на системи за воздушна одбрана, оценувајќи дека тоа е критичен приоритет за заштита на цивилното население. Во меѓувреме, шефицата на европската дипломатија Каја Калас најави дека Европската Унија подготвува нов пакет санкции против Русија како одговор на нападите.