Италијанската војска спровела голема операција во Доломитите откако топењето на глечерите открило стотици опасни експлозивни направи од Првата светска војна.
Според официјалните информации, припадниците на алпската бригада „Јулија“ пронашле, отстраниле и неутрализирале вкупно 250 експлозивни направи, кои повеќе од еден век биле заробени под снегот и мразот.
Операцијата започнала откако планинари во текот на летото пријавиле сомнителни предмети во планинските области на северна Италија.
Меѓу пронајдените експлозивни средства имало италијански артилериски гранати и минофрлачка муниција од француско производство.
Опасно наследство од Првата светска војна
Експлозивните направи потекнуваат од периодот меѓу 1915 и 1918 година, кога италијанската и австроунгарската војска воделе жестоки борби на Алпите.
Овој конфликт е познат како „Белата војна“, бидејќи војниците се бореле на големи надморски височини, опкружени со снег, мраз и екстремно ниски температури.
Од мразот излегуваат и тела на војници
Експертите предупредуваат дека глобалното затоплување сè почесто открива опасни остатоци од војната.
Покрај неексплодирани гранати, во изминатите децении биле пронајдени оружје, воена опрема, лични писма, дневници, облека, па дури и посмртни останки на војници.
Професорот Стефано Моросини од Универзитетот во Бергамо предупредува дека бројот на вакви откритија расте од година во година.
„Мразот ги зачувал повеќе од 100 години. Некои веќе експлодирале, но многу не, па сега се исклучително опасни“, изјавил Моросини.
Надлежните апелираат до планинарите да не допираат сомнителни предмети, без оглед на нивната старост или состојба, туку веднаш да ја известат полицијата.









