Фудбалскиот свет тагува по веста за смртта на легендарниот англиски фудбалер и тренер Кевин Киган, кој почина на 74-годишна возраст по битка со рак.
Во соопштението на неговото семејство се наведува дека Киган починал мирно, опкружен со сопругата и двете ќерки.
Киган важи за една од најголемите фигури во англискиот фудбал. Како играч остави длабока трага во Ливерпул, со кој освои три шампионски титули во Англија, Куп на европските шампиони, ФА Куп и два Купа на УЕФА. Настапувајќи за Хамбургер, двапати по ред ја освои престижната награда „Златна топка“ – во 1978 и 1979 година.
За репрезентацијата на Англија одигра 63 натпревари, постигна 21 гол и во 31 наврат ја носеше капитенската лента.
По завршувањето на играчката кариера успешно работеше и како тренер. Најголем белег остави во Њукасл, кој го одведе од Втората лига до борба за титулата во Премиер лигата. Во кариерата ги предводеше и Фулам, Манчестер сити, како и репрезентацијата на Англија, со која настапи на Европското првенство во 2000 година.
Со неговата смрт, фудбалот загуби една од своите најголеми легенди, чија кариера ќе остане запаметена како една од најуспешните во историјата на англискиот спорт.









