Тензиите на Блискиот Исток повторно се зголемуваат откако израелските сили извршија нови воздушни напади врз повеќе локации во јужен Либан.
Според локални извори, нападите биле насочени кон подрачјата Тир, Марваније и Зифта во округот Набатије, каде што биле регистрирани повеќе експлозии. Засега нема официјални информации за евентуални жртви или причинета материјална штета.
Нападите доаѓаат во период на зголемени регионални тензии меѓу Израел, Хезболах и Иран, што дополнително ја влошува безбедносната состојба во регионот.
Од движењето Хезболах соопштија дека нивни борци таргетирале израелски војници кои се наоѓале на либанска територија, но не презедоа одговорност за евентуални напади врз цели во Израел.
Од друга страна, израелските власти порачаа дека воените операции ќе продолжат и во наредниот период. Според нив, цел на нападите е инфраструктурата што ја користи Хезболах за воени активности во јужен Либан.
Ситуацијата внимателно ја следи и меѓународната заедница, која стравува од можна поширока ескалација на конфликтот во регионот.
Во меѓувреме, жителите на погодените области остануваат во неизвесност, додека безбедносните ризици на границата меѓу Израел и Либан продолжуваат да растат.







