Полициски службеник бил нападнат на подрачјето на Гази Баба, додека во Визбегово е пријавен сериозен инцидент со насилен упад и физички напад во семеен дом, информира Министерството за внатрешни работи.
Првиот случај се случил на 21 март 2026 година околу 23:50 часот, кога полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода 42-годишниот Д.М. од Скопје, поради тоа што нападнал полицаец при извршување службени дејствија. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Во вториот случај, пријавен на 22 март во 01:00 часот, 57-годишен жител на селото Визбегово пријавил дека претходната вечер, околу 22:30 часот, неколку негови соседи насилно влегле во неговиот дом.
Според пријавата, напаѓачите ја скршиле влезната врата и физички го нападнале пријавителот, при што едно од лицата го удирало со пиштол по главата. Во инцидентот било повредено и малолетното дете на пријавителот.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и идентификување на сторителите.


















