Во изминатите 24 часа полицијата постапувала по пет одделни случаи на семејно насилство, при што три лица биле лишени од слобода, а во неколку случаи жртви биле и малолетни деца.
Една мајка пријавила дека нејзиниот поранешен сопруг физички ја нападнал нивната малолетна ќерка, по што надлежните започнале постапка за целосно расчистување на случајот.
Во друг случај, 56-годишен маж бил приведен поради сомнение дека физички ја нападнал својата вонбрачна партнерка во семејниот дом.
Полицијата привела и 48-годишен маж, кој според пријавата физички ги нападнал сопругата и нивните две малолетни ќерки. По завршување на истрагата ќе бидат преземени соодветни законски мерки.
Во уште еден инцидент, 52-годишен маж им се заканувал на своите синови со остар предмет, а потоа со секира оштетил дел од покуќнината во домот.
Дополнително, пријавен е случај во кој маж физички ја нападнал својата 17-годишна партнерка, ѝ се заканувал со остар предмет, а според пријавата го удрил и нивното 11-месечно бебе.
Полицијата работи на целосно документирање на сите случаи, по што против осомничените ќе бидат поднесени соодветни пријави.










