Поминаа десет дена од исчезнувањето на 17-годишната Душица Периќ од селото Дрен кај Обреновац, а нејзиното семејство сè повеќе стравува дека девојката не исчезнала по своја волја.
Според родителите, Душица исчезнала на 9 јуни, откако рано наутро заминала кон училиштето. Иако наставата ја имала попладне, поради превозот тргнала од дома уште околу 6 часот. Оттогаш ѝ се губи секоја трага.
Два дена по исчезнувањето, таа им се јавила на родителите преку видео повик, кој траел само неколку минути.
„Ми рече: ‘Се омажив’. Но, изгледаше вознемирено, постојано гледаше зад себе, како да имаше некој покрај неа. Ја прашав дали ќе се врати дома, но разговорот заврши“, раскажал нејзиниот татко.
По тој повик, телефонот на Душица повторно бил исклучен, а последната локација била регистрирана во Лазаревац.
Родителите се убедени дека нивната ќерка е киднапирана.
„Да беше навистина среќна и да се омажила по своја волја, сигурно ќе ни се јавеше. Затоа веруваме дека некој ја држи против нејзина волја“, велат тие.
Дополнителен сомнеж кај семејството предизвикува инцидент што се случил околу две недели пред исчезнувањето. Според нивните тврдења, Душица се сретнала со нова другарка во парк во Обреновац, по што дошле двајца млади момчиња. Еден од нив, наводно, ја фатил за вратот и ѝ се заканувал.
Полицијата во Белград и Обреновац презема мерки за пронаоѓање на девојката и за утврдување на сите околности поврзани со нејзиното исчезнување.







