На протестот против депонијата Вардариште што вечерва се одржа во скопската општина Аеродром, се случи инцидент кога лице под дејство на алкохол со електричен тротинет влетало меѓу демонстрантите.
Според објавата на граѓанската иницијатива „Од зелен хуман град“, лицето удрило во легнат велосипед покрај кој имало деца што си играле, а потоа се обидело да избега. Родителите и дел од присутните граѓани веднаш реагирале и го запратиле.
Возачот на тротинетот, кој изгубил контрола по околу 50 метри, паднал и бил задржан од присутните.
За среќа, во инцидентот нема повредени граѓани, но организаторите и учесниците на протестот изразија загриженост бидејќи на ваквите собири редовно присуствуваат мали деца и миленици, кои се во ризик да настрадаат.