Во Кавадарци, 46-годишен маж доби една година затвор по признание дека со својот автомобил удрил полицаец во обид да избегне легитимирање. Инцидентот се случил на 21 декември, по полноќ, кога возачот, управувајќи „Фолксваген“, одбил да застане на полициски знак и продолжил со брза потера низ градските улици.
Ситуацијата ескалирала на една од крстосниците, кога полицијата успеала да го опколи со две возила. Во моментот кога полицаецот излегол за легитимирање, возачот се залетал директно кон него, повредувајќи го во стомакот и левата нога, а потоа удрил и во полицискиот автомобил пред да побегне.
Бегалецот бил уапсен на 25 декември, а веќе следниот ден признал дека извршил „Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. Судот во Кавадарци го прогласил за виновен и му изрекол казна затвор од една година. До правосилноста на пресудата, тој останува во притвор поради опасност од повторно бегство.
















