ПРВ.мк
Црна Хроника

СПАСУВАЧКИ ЕКИПИ НА ТЕРЕН: Евакуирани 180 лица во Кичево - ова е причината!

СПАСУВАЧКИ ЕКИПИ НА ТЕРЕН: Евакуирани 180 лица во Кичево - ова е причината!
Kristal

Обилните врнежи од дожд што ја зафатија земјата во текот на ноќта и претпладневните часови предизвикаа сериозни поплави и излевање на реки во повеќе региони. Според информациите од Центарот за управување со кризи, најкритично е во кичевскиот регион, каде што се евакуирани околу 180 лица.

Во Кичево, Зајашка Река се излеала на улицата „Прилепска“, при што биле зафатени повеќе куќи. Евакуираните жители се сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде им е обезбедена неопходна помош. Дополнително, регистрирано е заезерување на улицата „29 Ноември“ во населбата Подварош, при што се поплавени подрумски простории во повеќе објекти, како и дел од објектите на болницата во Кичево.

На терен интервенираат екипи од ОВР Кичево, ЈП „Комуналец“ и други надлежни служби, а за состојбата се известени градоначалникот на Општина Кичево и Дирекцијата за заштита и спасување. Со поддршка на Црвениот крст организирана е достава на храна и вода за евакуираните, додека од Скопје се испратени дополнителни тимови со ќебиња, душеци и кревети. Засега нема животно загрозени лица, но врнежите продолжуваат и состојбата будно се следи.

Во скопскиот регион, преку бројот 112 се примени повеќе пријави за поплавени дворови во село Идризово, поплавувања во село Буковиќ, како и поплавен подрум и двор во Зелениково. Пријавено е и поплавено дворно место во населбата Радишани. Надлежните општини извршиле увид и преземаат активности за санирање на штетите.

Во тетовскиот регион е регистрирано свлечиште на патниот правец Тетово – село Џермо, поради што сообраќајот е во прекин. Од 07:45 часот воведена е и забрана за тешки товарни возила и автобуси на патот Тетово – Попова Шапка поради врнежи од снег. Во моментов нема значително зголемување на водостојот на реките, а снабдувањето со електрична енергија и вода за пиење се одвива непречено.

Во гостиварскиот регион се пријавени поплавени куќи во село Беловиште, како и во населбите Циглана и Бањечница. Во село Балиндол затрупан канал предизвикал поплавување на повеќе домови. Во една од куќите во Беловиште биле заглавени две деца и нивната мајка, по што веднаш интервенирале Територијалната противпожарна единица и полицијата. Поплавите се последица на излевање на Сушичка Река и затнати канали, а најавено е ангажирање механизација за расчистување на теренот. Локалните власти и Дирекцијата за заштита и спасување ја следат состојбата и најавуваат дополнителни мерки доколку врнежите продолжат.

Pharmanova
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo