Управа за хидрометеоролошки работи напладне издаде предупредување за значително зголемување на водостојот на реките во западните делови од државата, по обилните врнежи во изминатите 24 часа кои доведоа до нагло полнење на речните корита. Според најавите од институцијата, во текот на денот е можно дополнително влошување на состојбата.
Од Секторот за хидрологија информираат дека во Полошкиот регион, особено во горниот дел од сливот на реката Вардар, е регистриран висок водостој. Постои реална опасност од заезерување во одделни делови на Полошката Котлина, како и од локални излевања на помалите реки и суводолници во гостиварско и тетовско.
Зголемен водостој е измерен и на реката Треска, при што како потенцијално критични точки се посочуваат селата Пласница и Лисичани. Се очекува пораст и на нејзината лева притока, реката Кичевска, што дополнително ја зголемува опасноста од локални излевања и поплавување на околните површини.
Во Пелагонискиот регион и Демир Хисар, реката Црна бележи континуиран пораст, а можни се излевања во делови од Демир Хисар, Кичевско и поширокиот пелагониски крај. Покачено ниво е регистрирано и во Охридско-Струшкиот регион, каде реките Сатеска и Коселска се со зголемен водостој, со ризик од локални излевања на помалите водотеци.
Од Управата апелираат граѓаните да бидат исклучително внимателни и да избегнуваат движење покрај реките и водотеците во западниот дел од земјата. Се препорачува и внимателно следење на состојбата во источните региони, каде се можни изолирани поинтензивни врнежи.
Надлежните институции ја следат состојбата на терен, а од УХМР најавуваат редовно информирање доколку дојде до дополнително влошување на хидролошката состојба.

















