ПРВ.мк
Црна Хроника

Акциска контрола во Скопје: Десетици возачи фатени без кацига и без дозвола

Акциска контрола во Скопје: Десетици возачи фатени без кацига и без дозвола

Скопската полиција во текот на вчерашниот ден спроведе засилена сообраќајна контрола на подрачјето на главниот град, при што беа изречени вкупно 219 санкции за различни прекршоци.

Акцијата се реализираше во периодот од 16 до 24 часот, а најголем дел од прекршоците биле направени од возачи на мотоцикли и мопеди.

Од вкупниот број санкции, 66 биле изречени за управување мотоцикл без заштитна кацига, 15 за возење мопед без положен возачки испит, шест за управување со несоодветна категорија, две за непочитување на знак даден од полициски службеници и една за управување нерегистриран мотоцикл.

Покрај овие прекршоци, полицијата изрекла уште 129 мерки за различни сообраќајни неправилности, меѓу кои неносење возачка или сообраќајна дозвола, неистакната регистарска табличка, како и недавање првенство на минување на други возила и пешаци.

Во рамки на контролата било откриено и кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“. Кај возач на мопед биле измерени 1,93 промили алкохол во крвта, по што неговото возило било веднаш одземено.

Од МВР најавуваат дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредниот период со цел подобрување на безбедноста на патиштата.