Во Македонија секојдневно на улиците питачат повеќе од 2.000 деца, а само во Скопје стотина малолетници може да се забележат на најфреквентните крстосници и булевари. Ова го покажуваат податоците на граѓанската организација „Градиме иднина“, која со години работи на терен со деца од улица.
Според претседателот на здружението, Илија Јовановиќ, состојбата е алармантна. Истражувањата на организацијата покажуваат дека 18.500 деца во земјава не посетуваат ниту училиште ниту градинка, голем дел немаат здравствено осигурување, а некои од нив немаат ниту извод од матичната книга на родени. Дополнително, 236 деца живеат без покрив над главата, додека 25 се евидентирани како жртви на сексуална експлоатација.
Во изминатите четири години, „Градиме иднина“ успеала да извлече 145 деца од улица и да ги згрижи во групни домови или згрижувачки семејства, но, како што велат, тоа е мал дел во однос на вистинските размери на проблемот.
Особено загрижувачки се податоците дека дел од децата се принудувани да користат опијати за да можат да питачат на ниски температури и до доцна навечер. Според организацијата, евидентирани се деца зависни од лепак, па дури и случаи на малолетници кои користеле тешки дроги.
Министерството за внатрешни работи, според достапните информации, има поднесено 246 кривични пријави поврзани со питачење и трговија со деца.
Од „Градиме иднина“ апелираат секоја општина да отвори дневен центар за деца од улица и да обезбеди стручен кадар, нагласувајќи дека без системско решение, децата ќе продолжат да бидат жртви на експлоатација и злоупотреба.
















