Пет лица побарале медицинска помош по пожар што избувнал во текот на ноќта во поткровје на станбена зграда во скопската населба Центар.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, пожарот бил пријавен околу 02:25 часот. Две лица, на возраст од 54 и 49 години, се обиделе да го локализираат огнот со противпожарни апарати, при што вдишале поголема количина чад.
Тие веднаш биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде им била укажана лекарска помош.
На местото на настанот интервенирале екипи на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, кои успеале да го изгаснат пожарот и да спречат негово понатамошно ширење.
Подоцна, уште три лица се јавиле на лекарски преглед поради симптоми предизвикани од вдишување чад.
Полициски екипи извршиле увид на местото на настанот, а за случајот е известен и јавен обвинител. Засега не се соопштуваат информации за причините за избувнувањето на пожарот, а истрагата е во тек.






