Триесет и тригодишен жител на општина Карбинци е лишен од слобода поради сомнение за тешки кривични дела сторени врз малолетно лице.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека лицето Б.Т. (33) било приведено на 8 јуни од страна на полициски службеници од СВР Штип.
Според истрагата, тој се сомничи дека во периодот од јануари до март годинава, додека престојувал во дом на семејство во светиниколско село, извршил дејствија на штета на нивната малолетна ќерка.
Од МВР наведуваат дека во случајот е утврдено и пренесување на заразна болест, што било потврдено со наоди од Институтот за судска медицина во Скопје.
Осомничениот е задржан во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него е поднесена кривична пријава поради основано сомнение за сторени кривични дела согласно Кривичниот законик.
Надлежните институции продолжуваат со понатамошни активности за целосно расчистување на случајот.






