Маж е уапсен откако во понеделник наутро активирал запалива направа пред федералната зграда на 26 Federal Plaza во Њујорк, каде што се наоѓа имиграцискиот суд, како и повеќе федерални институции.
Директорот на ФБИ, Кеш Пател, соопшти дека осомничениот веднаш бил приведен, а во инцидентот две лица се здобиле со полесни повреди.
Во објектот, покрај имиграцискиот суд, се сместени и неколку федерални агенции, меѓу кои и Службата за имиграција и царина (ICE).
На снимки што се шират на социјалните мрежи се гледа како полицајци истрчуваат од зградата додека просторот е исполнет со бел чад, по што го совладуваат и приведуваат осомничениот на тротоарот.
По инцидентот реагираше и лидерот на демократите во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис, кој порача дека тероризмот и насилството немаат место во Њујорк и побара сторителот да одговара согласно законот.
Мотивот за нападот засега не е официјално соопштен, а федералните власти продолжуваат со истрагата за сите околности поврзани со инцидентот.









