Вистинска драма се одвивала на небото над Франција откако патнички авион на „Ер Франс“ морал итно да го прекине летот и да слета на алтернативен аеродром, поради сериозен технички проблем кој предизвикал страв и паника кај патниците.
Станува збор за летот AF7562, кој полетал од аеродромот Орли во Париз кон Ајачо, главниот град на Корзика. По нешто повеќе од 35 минути во воздух, пилотската кабина донела одлука авионот да биде пренасочен кон аеродромот во Лион.
Од „Ер Франс“ потврдија дека станува збор за технички проблем на авионот „Ербас А320“, но без да навлезат во конкретни детали. За француските медиуми, компанијата соопшти дека одлуката за пренасочување била донесена во согласност со сите безбедносни процедури, препораките на производителот и принципот на претпазливост.
Иако официјално не е потврдено што точно се случило, сведоштвата на патниците звучат вознемирувачки. Дел од нив изјавиле дека забележале пламен на едно од крилата, по што авионот нагло ја изгубил брзината и висината.
„Во еден момент авионот одеднаш почна да паѓа. Се вклучија сите аларми, копчињата светнаа, сè трепкаше. Еден човек ги зеде своите деца во раце, сите мислеа дека ќе се срушиме“, изјави за RTL патничката Кристел, која била во авионот.
Според повеќе очевидци, во кабината завладеала паника, патниците почнале да врескаат, а атмосферата била исклучително напната сè до моментот на слетувањето.
И покрај драматичните моменти, авионот безбедно слетал на аеродромот во Лион во 18:25 часот. Никој од патниците и екипажот не бил повреден.
Патниците биле задржани неколку часа, по што во 21:45 часот биле префрлени во друг авион и пренесени до Бастија. Од таму, со автобуси, биле транспортирани до нивната крајна дестинација – Ајачо.
Случајот уште еднаш ја отвори дебатата за безбедноста во авионскиот сообраќај, но и за тоа колку брзо една рутинска рута може да се претвори во вистински кошмар за стотици патници.
















