МВР соопшти дека во септември се запленети над 38 килограми марихуана и други наркотични супстанци, а 93 лица ќе бидат кривично гонети за дела поврзани со недозволена трговија со дрога.
Во текот на месецот регистрирани се 78 кривични дела, од кои 71 се однесуваат на „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“, а седум се за „овозможување на употреба на наркотични дроги“.
Како резултат на откривањата, запленети се:
- над 38 кг марихуана, 980 мл масло од хашиш, 137 стебла и 242 семки од канабис
- 182 г кокаин, 129 г манитол, 44 г хашиш, 27 г хероин, 20 г амфетамин
- 16 г мешавина на кофеин и парацетамол, 59 г мешавина од тутун и марихуана, 12 г мешавина кофеин, парацетамол и хероин
- помали количини на други дроги и психотропни медикаменти
МВР потенцира дека активностите се дел од систематски напори за сузбивање на недозволената трговија со дрога во земјата.