Украинскиот енергетски оператор „Укренерго“ соопшти дека поради големите штети предизвикани од најновите руски напади врз енергетската инфраструктура, во осум региони на земјата се воведуваат итни рестрикции на електрична енергија.
Во соопштението се наведува дека состојбата во енергетскиот систем е исклучително тешка и дека привремени прекини на струја се воведени во регионите Суми, Харков, Полтава, Дњепропетровск, Кировоград, Черкаси, Запорожје и делови од главниот град Киев. Подоцна, приватниот оператор ДТЕК објави дека рестрикциите во Киев се откажани.
Русија последниве недели значително ги засили воздушните напади врз украинската енергетска и железничка инфраструктура, во момент кога земјата се подготвува за зимата. Стравувањата се дека, како и во претходните години, милиони луѓе би можеле повторно да останат без струја во најладниот период од годината.
Минатата недела веќе беа воведени повеќечасовни прекини низ цела Украина, вклучувајќи го и Киев. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Москва дека со намерно бомбардирање на енергетските објекти се обидува да создаде паника и хаос меѓу населението, а меѓу целите бил и гасниот сектор.
Истовремено, Украина продолжува со свои контранапади врз руската енергетска инфраструктура – чести се напади со дронови врз рафинерии и нафтоводи во Русија, што, според извештаите, предизвика раст на цените на горивото во земјата.
Во еден од последните напади, украинската армија погоди електрана во руската погранична област Белгород, што предизвика привремени прекини на струја и на руска територија, дополнително зголемувајќи ја тензијата меѓу двете земји.