Шведска ја воведе првата програма во светот која му овозможува на лекарот – наместо класичен рецепт со апчиња – да препише патување како форма на терапија за подобрување на менталното и физичкото здравје.
Иницијативата наречена „Шведски рецепт“ ја промовира националната туристичка организација и претставува уникатен пристап кон грижата за благосостојбата на луѓето. Наместо во ординација, пациентите се охрабруваат да го најдат својот мир во природата, културните доживувања и активностите кои ја поттикнуваат рамнотежата меѓу телото и умот.
Според резултатите од спроведените истражувања, активностите како прошетки низ шумите, капење во студена вода, релаксација во сауна или набљудување на ѕвезденото небо имаат значајно влијание врз намалувањето на стресот и подобрувањето на расположението.
Секој заинтересиран може да го симне својот „рецепт“ и да го достави до својот лекар. Иако трошоците за патувањето не се покриени, целта на програмата е да ја поттикне превенцијата и да го насочи фокусот кон промоција на здрав и активен животен стил.
Со оваа иницијатива, Шведска ја позиционира својата здравствена и туристичка политика на сосема ново ниво, докажувајќи дека понекогаш најдоброто лекување не се наоѓа во болниците, туку во доживувањето на светот околу нас.