Голем пожар што избувна денеска во велешкото село Каласлари, при што огнената стихија се закануваше да зафати неколку куќи, е ставен под контрола, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Според него, благодарение на брзата и координирана интервенција на велешките пожарникари, тимови на Национални шуми и воздушната поддршка, пожарот е локализиран и опасноста за домовите е отстранета. Во гаснењето бил вклучен и авион „Ер трактор“, кој во меѓувреме е повлечен бидејќи повеќе немало потреба од воздушна интервенција.
Покрај пожарот кај Каласлари, Ангелов информираше и за втор сериозен пожар во близина на Дојран, кој избувнал на самата граница меѓу Македонија и Грција. Огнот се проширил во двете насоки и зафатил тежок, непристапен и обраснат терен, што значително ја отежнува интервенцијата на теренските екипи.

Во одреден момент и таму биле загрозени неколку куќи, но пожарникарите успеале да воспостават делумна контрола врз огнената линија. Ангелов изрази очекување дека пожарот наскоро ќе биде целосно локализиран и изгаснат.
Надлежните и понатаму апелираат до граѓаните да бидат исклучително внимателни, бидејќи високите температури, сувата вегетација и ветерот значително го зголемуваат ризикот од избувнување и брзо ширење на пожари.








