Тројца мажи со брза и присебна реакција успеале да спасат девојче кое паднало од височина, откако под него растегнале ќебе и го дочекале при падот.
На снимката од драматичниот момент се гледа како мажите се обидуваат навреме да се позиционираат под детето. Девојчето го преживеало падот и, според полицијата, се здобило само со полесни модринки.
Еден од соседите, Дарјуш Плонски, раскажал дека откако излегол од зградата слушнал врисоци, а кога погледнал нагоре го забележал детето како се движи покрај оградата.
Тој се обидел да му довикне да не се поместува, но девојчето не реагирало. Кога повторно погледнал нагоре, увидел дека детето ја сменило позицијата, по што мажите имале само неколку секунди да го преместат ќебето на вистинското место.
Полицијата соопштила дека мајката на девојчето спиела во моментот на инцидентот, додека таткото бил во странство. Подоцна било утврдено дека мајката имала 0,7 промили алкохол во крвта.
Надлежните го испитуваат случајот. Доколку мајката биде обвинета дека го изложила детето на опасност од смрт или тешка повреда, би можела да се соочи со казна до пет години затвор.
Од полицијата истакнале дека трагедијата била избегната благодарение на исклучително брзата реакција на тројцата мажи.






