ПРВ.мк
Црна Хроника

НОВИ ДЕТАЛИ ОД СУДЕЊЕТО ЗА „ПУЛС“: Обвинителството откри што било најдено кај Нацев

НОВИ ДЕТАЛИ ОД СУДЕЊЕТО ЗА „ПУЛС“: Обвинителството откри што било најдено кај Нацев

На денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“, обвинителството презентираше нови докази поврзани со агенцијата за обезбедување „Рубикон“ и нејзината улога во случајот.

Според обвинителството, Александар Нацев бил неформален сопственик на агенцијата, иако неговото име не се појавува во податоците на Централниот регистар. Како доказ беа презентирани документи, договори за вработување и тендерска документација пронајдени кај него.

Одбраната веднаш реагираше, посочувајќи дека документите не биле пронајдени во неговиот дом, туку во возило. Тие нагласија дека на визит-картата на Нацев стоело дека е консултант, а не сопственик на фирмата.

Обвинителството дополнително соопшти дека агенцијата „Рубикон“ немала писмен договор со дискотеката „Пулс“, туку постоел само фиктивен договор за патролна служба, за кој се тврди дека содржел лажен потпис на сопственикот.

Во судницата беа прочитани и медицинските анализи на четворицата чувари кои биле ангажирани во објектот. Резултатите покажале дека кај ниту еден не било утврдено присуство на алкохол, додека кај едно лице биле пронајдени траги од психотропни супстанции.

Обвинителството презентираше и планови за работа од други објекти во кои било наведено дека обезбедувањето има обврска да проверува дали посетителите внесуваат пиротехнички средства.

Одбраната, пак, тврди дека тие правила не можат да се применат на настанот во „Пулс“ и дека ранецот со пиротехника не му припаѓал на осомничениот. Според адвокатите, чуварите во текот на трагичната ноќ се обидувале да спасуваат животи, а не да предизвикаат опасност.

Судењето продолжува пред судијката Диана Груевска Илиевска.