Украина привремено го парализираше воздушниот сообраќај во руската престолнина по серија напади со беспилотни летала врз Москва, што доведе до целосен застој на авионскиот сообраќај на дел од најголемите аеродроми во земјата. Нападите се случија непосредно пред почетокот на празничната сезона, создавајќи сериозни проблеми за илјадници патници, соопштија руските власти.
На аеродромите Шереметјево и Внуково, полетувањата и слетувањата биле целосно запрени со часови. Портпаролот на руската Администрација за воздухопловство потврди дека безбедносните мерки биле драстично засилени, што резултирало со привремен прекин на целиот воздушен сообраќај на овие два клучни московски аеродроми.
Според државната новинска агенција „Риа Новости“, последиците биле масовни – повеќе од 300 летови биле откажани или сериозно одложени, додека околу 70 авиони биле пренасочени кон алтернативни аеродроми надвор од Москва. Илјадници патници останале заглавени на терминалите, а авиокомпаниите биле принудени итно да ги менуваат распоредите.
За разлика од Шереметјево и Внуково, другите два московски аеродроми – Домодедово и Жуковски – не биле погодени од блокадата и продолжиле со работа без прекини.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, претходно информираше дека руската противвоздушна одбрана пресретнала невообичаено голем број украински беспилотни летала, наведувајќи дека околу 30 дронови биле неутрализирани во поширокиот регион на главниот град. Од друга страна, руското Министерство за одбрана соопшти дека на ниво на целата држава биле соборени вкупно 273 беспилотни летала, без да прецизира дали има материјална штета или жртви.
Проблемите во воздушниот сообраќај не се ограничиле само на Москва. Авиокомпаниите ги известиле патниците за промени и во распоредите на летови во Санкт Петербург и во други руски градови, поради логистичките последици од пренасочувањето на авионите.
Државната авиокомпанија „Аерофлот“ соопшти дека се очекува авионите кои биле принудени да слетаат на алтернативни аеродроми постепено да се вратат и да слетаат во Москва во текот на денот, откако безбедносната состојба ќе биде целосно стабилизирана.
















