Украинската државјанка Анастасија Березовска, која беше осомничена за учество во обидот за атентат врз украинскиот бизнисмен Вадим Ермолаев во Монако, е пронајдена мртва во близина на Киев, соопшти украинската национална полиција.
Според официјалните информации, телото на Березовска било пронајдено со прострелни рани во главата. Од полицијата наведуваат дека таа била барана од властите во Кнежевството Монако во рамки на истрагата за обидот за убиство на едно семејство.
Неофицијално, телото било откриено доцна вечерта на 6 јули. Истрагата покажала и дека Березовска престојувала надвор од Украина од март 2025 година до почетокот на јули 2026 година.
Во врска со нејзината смрт, украинските власти привеле две лица – поранешен припадник на безбедносните служби и актуелен вработен во Главната дирекција за разузнавање (ГУР) при Министерството за одбрана на Украина.
Случајот е поврзан со експлозијата што се случи на 29 јуни во Монако, кога беа повредени три лица, меѓу кои, според медиумските извештаи, биле и украинскиот бизнисмен Вадим Ермолаев и негови блиски роднини.
По експлозијата, властите во Монако отворија истрага за обид за убиство и поставување експлозивна направа на јавно место. Осомничениот напаѓач бил снимен од безбедносните камери, а според истрагата, по нападот избегал во Франција.
Обвинителството во Монако ја отфрли можноста за терористички мотив, додека истражителите продолжуваат да ги испитуваат сите околности, вклучително и можни врски со украинските безбедносни структури.






