Вистинска драма се одвивала на 31 декември на аргентинското крајбрежје, кога поранешниот фудбалер Мартин Демикелис заедно со своите деца се нашол во опасност од силни морски струи.
Инцидентот се случил на плажа во областа Еден Рок, помеѓу Сан Висенте и Санта Моника, на локација каде во тој момент немало активни спасители. Според локалните медиуми, Демикелис и неговите деца влегле во морето неколку часа пред крајот на старата година, кога ненадејно биле зафатени од силна струја која почнала да ги влече кон отворено море.
Најблиската спасителска куќа се наоѓала на околу 500 метри од местото, што дополнително ја зголемило опасноста. За среќа, спасителите во тој период биле на пауза и случајно се нашле во близина, по што веднаш реагирале и успеале навреме да ги извлечат сите на безбедно.
Благодарение на нивната брза интервенција, драмата завршила без трагични последици, но настанот уште еднаш ја отвори темата за опасностите од капење на необезбедени плажи, дури и кога морето изгледа мирно.
















