Шведски државјанин (61) е осуден на четири години и пет месеци затвор откако судот утврди дека со години ја принудувал сопругата да има сексуални односи со десетици мажи, користејќи закани, насилство и постојан видео-надзор.
Според пресудата, мажот организирал средби со мажи кои ги пронаоѓал преку интернет, а сексуалните услуги ги наплаќал. Судот утврдил дека жртвата била контролирана со безбедносни камери, дрога и сериозни закани, поради што не можела слободно да се спротивстави.
Истрагата покажала дека во периодот од 2022 до 2025 година биле идентификувани околу 120 мажи кои користеле сексуални услуги. Од нив, 29 биле обвинети, а 28 се прогласени за виновни за купување сексуални услуги. Двајца добиле затворски казни, додека останатите се осудени условно.
Жената успеала да избега од домот користејќи дел од куќата што не бил покриен со камерите, по што ја известила полицијата и го пријавила случајот.
Обвинетиот ги негирал сите наводи, тврдејќи дека сопругата доброволно учествувала во средбите и дека тој само помагал во нивната организација. Сепак, судот не ги прифатил неговите тврдења и го прогласил за виновен за повеќе кривични дела, меѓу кои обид за силување, тешко подведување, закани и напад.
Покрај затворската казна, судот му наложил на осудениот да ѝ исплати на поранешната сопруга отштета од околу 18.400 евра.







