Пожарот кој од вчера беснее во источна Македонија попладнево дополнително се засили, а состојбата на терен станува сè посериозна.
Пожарникарот Александар Ѓорѓиевски преку видео објавено на социјалните мрежи упати апел за итна воздушна интервенција, нагласувајќи дека огнената стихија веќе зафатила и викендички.
„Пуштајте хеликоптери и авиони бидејќи веќе се зафатени и викендици, овде човечка нога не може да стапне“, порача тој.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, потврди дека во пожарот е повредено едно лице, сопственик на викендица во погоденото подрачје.
Тој информираше дека на терен веќе дејствува Ер трактор, кој се обидува да помогне во локализирањето на огнот.
Надлежните служби продолжуваат со напорите за ставање на пожарот под контрола, додека се следи состојбата на терен и се проценува потребата од дополнителни воздушни сили.








