Во јавноста се појавија неофицијални информации дека лабораториските анализи на водата во Гостивар покажале присуство на фекални колиформни бактерии во два од четирите испитани примероци, додека во еден примерок било утврдено и зголемено ниво на хлор.
Информациите ги објави порталот „Курир“, но досега не се официјално потврдени од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Министерството за здравство или од Основното јавно обвинителство, кое води предистражна постапка за случајот.
Доколку овие наоди бидат официјално потврдени, тие би можеле да укажуваат на можно фекално загадување на дел од водоводната мрежа, што е една од хипотезите за масовната појава на гастроентеритис во Гостивар.
Според истите неофицијални информации, една од насоките на истрагата е можноста по појавата на загадувањето да било извршено дополнително хлорирање на водата, поради што во еден од примероците било регистрирано повисоко ниво на хлор.
Порталот наведува и дека извештајот на ИЈЗ веќе бил доставен до Основното јавно обвинителство, кое треба да утврди дали постојат елементи за евентуална кривична одговорност.
Од Обвинителството претходно соопштија дека предметот сè уште е во фаза на предистрага и дека, поради тајноста на постапката, засега не можат да изнесуваат дополнителни информации. Во меѓувреме, ниту ИЈЗ ниту другите надлежни институции официјално не ја потврдија содржината на лабораторискиот извештај.









