ПРВ.мк
Црна Хроника

(ВИДЕО) ЈА ФАТИЈА ЖЕНАТА КОЈА ФРЛАШЕ ЃУБРЕ ВО ЛЕПЕНЕЦ: Полицијата ја казни - еве каква казна ја следува!

(ВИДЕО) ЈА ФАТИЈА ЖЕНАТА КОЈА ФРЛАШЕ ЃУБРЕ ВО ЛЕПЕНЕЦ: Полицијата ја казни - еве каква казна ја следува!

Полицијата ја откри жената која беше снимена како од автомобил „порше“ фрла отпад во реката Лепенец во Скопје. Снимката утрово ја објави порталот „Курир“, а видеото брзо привлече внимание на социјалните мрежи.

На видеоснимката се гледа жена како излегува од автомобилот, по што фрла отпад од мостот во реката. Според локацијата што може да се препознае на снимката, настанот се случил на мостот над реката Лепенец, на улицата „Скупи“, во близина на телевизијата Канал 5. Токму во тој дел реката Лепенец се влева во Вардар.

Откако видеото било објавено и споделено на социјалните мрежи, полицијата презела мерки за утврдување на идентитетот на жената. МВР соопшти дека денеска, 17 септември 2026 година, во 11:45 часот, во Полициската станица од општа надлежност Карпош била повикана М.И.Б. (38) од Скопје во врска со објавените видеоснимки.

„По преземените мерки и активности, утврден е идентитетот на лицето, кое е повикано во полициската станица и со него е извршен службен разговор“, информираат од Министерството за внатрешни работи.

По целосното документирање на случајот, на М.И.Б. ѝ бил изготвен платен налог согласно член 14 став 1 од Законот за јавна чистота. Казната се однесува на фрлање амбалажа надвор од местата што се определени за таа намена.

Но, тоа не била единствената санкција. На жената ѝ бил изготвен и записник со платен налог согласно член 63 став 6 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, поради непрописно паркирање на патничкото моторно возило на коловозна лента.

Случајот повторно го отвори прашањето за висината на санкциите за лицата кои фрлаат отпад на места каде што тоа не е дозволено. По завршувањето на полициската постапка, во јавноста се поставува дилемата дали предвидените казни се доволно високи за да имаат превентивен ефект и да спречат ваквото однесување да се повторува.

Според пресметките што се споделуваат во јавноста, доколку казната се плати во предвидениот рок за плаќање, нејзиниот износ не би бил повисок од околу 50 евра, додека при подоцнежно плаќање би можел да достигне околу 100 евра.

Случајот предизвика бројни реакции кај граѓаните, особено на социјалните мрежи. Дел од нив бараат промени во законската регулатива, со кои би се предвиделе значително повисоки санкции за фрлање отпад во природа и на јавни површини.

Меѓу предлозите што се споделуваат во јавноста е измена на Законот за јавна чистота, но и на Законот за управување со отпад, со што за ваквите прекршоци би можеле да се воведат построги казни. Покрај финансиските санкции, граѓани предлагаат да се размисли и за воведување општокорисна работа во траење од најмалку еден месец за оние кои ќе бидат санкционирани за вакви постапки.

Случајот со фрлањето отпад во Лепенец повторно го насочи вниманието кон проблемот со загадувањето на реките и јавните површини, како и кон потребата од доследно спроведување на прописите што го регулираат однесувањето на граѓаните и заштитата на животната средина.