Европскиот суд за човекови права ѝ наложи на Италија да исплати околу 60.000 евра отштета на Французинка која пријавила сексуално, психичко и физичко насилство од својот поранешен партнер.
Судот во Стразбур утврдил дека италијанските власти не спровеле доволно брза, темелна и ефикасна истрага во случајот, иако станувало збор за сериозни наводи за семејно насилство и повеќекратни силувања.
Случајот започнал во април 2021 година, кога жената, која тогаш живеела со својот партнер Италијанец во јужна Италија, пријавила дека таа и нивните две деца биле жртви на насилство. Во пријавата навела и закани со нож, како и сериозни закани поврзани со можен фемицид.
Обвинителката што првично го водела случајот побарала постапката да биде запрена, оценувајќи дел од наводите како „лоша шега“ или како родителска дисциплина. Особено спорна била нејзината оценка во однос на наводите за силување, која Европскиот суд ја оцени како заснована на сексистички стереотипи.
Подоцна барањето за запирање било одбиено, бил назначен нов обвинител, а поранешниот партнер на жената бил осуден во прв степен на четири и пол години затвор. Тој моментално ја чека жалбената постапка.
ЕСЧП оцени дека начинот на кој италијанските власти постапувале претставувал дополнителна виктимизација на жената и повреда на забраната за нечовечки и понижувачки третман.









